Produkcija

Izvori

 

 

Цветна библиотека во Охрид

 

 

Директорката на библиотеката, Христина Трпеска во своето поздравно обраќање кон учесниците и предавачите ја истакна важноста на иновациите во библиотечното работење, споделувањето на искуства од страна на библиотекарите и нивната меѓусебна соработка, со акцентот на развивање и деловни партнерски односи со локалната средина, каде граѓаните и локалната самоуправа можат да придонесат за подигнување на квалитетот на библиотечното работење, не само во градот туку и во целата држава. Истакнувајќи ја местоположбата и значењето на градот Охрид во однос на неговото историско и културно минато, директорката се задржа на активностите поврзани со промоција на овие содржини преку соодветни библиотечни програми.

Библиотеката се ребрендира во овој период, што понатаму ќе допринесе за нејзиниот попривлечен изглед преку рекламен материјал, банери, печатење на маици, капи, торби за книги и тн. што ќе резултира со поголема препознатливост  во средината. Соработката со Паркови и зеленило при ЈП „Охридски комуналец“ ќе допринесе за развој на програмите кои кореспондираат со УНЕСКО Агендата 2030 за одржлив развој, каде токму библиотеките претставуваат клучен   фактор 

  Кординаторот на проектот м-р Милчо Јовановски, виш библиотекар во своето излагање и претставување на проектот ги истакна напорите на Охридската библиотека за добивање на дополнителен простор надвор од зградата и неговото уредување за потребите за реализација на библиотечните програми со хортикултурни содржини. На овој начин, по зборовите на координаторот -„ сакаме да сме библиотека, активен посредник во изградба на современото и еколошко живеење, овозможувајќи го побрзиот пристап до активностите со хортикултурна димензија, по примери кои ги реализиравме со помош на координаторот на регионалната мрежа на хортикултурни библиотеки м-р Јелена Петровска.“

Од големо значење е набавка на соодветна стручна литература која што ќе биде целосно во функција на барањата на граѓаните во однос на квалитетното користење на слободното време.

 

Кординаторот на мрежата на хортикултурни библиотеки на Македонија м-р Јелена Петровска,библиотекар советник, одржа предавање и работилница за најновите практики во библиотечното работење и им пренесе на присутните идеи за организирање на настани и активности кои го следат „ритамот“ на заедницата.

Беа посочени низа примери од праксата на повеќе видови на библиотеки и различни типови на корисници. Посебен осврт и пример за добри практики е проектот на НУ УБ „Св. Климент Охридски“ – Битола , Дневна соба на градот, која што просторно и технички, како мултифункционален библиотечен простор, дава пример како се работи во заедницата по принципот „библиотека е за сите“.

Предавањето понуди повеќе апликативни решенија во однос на библиотечните простори, финансирање на проекти, соработка со локалната средина, зголемување на компетенциите, професионализмот и мотивација на библиотекарите, а даде и нови идеи за реализација на програми со хортикултурна содржина.

 

Присутните имаа прилика низ работилницата, меѓусебни дискусии и размената на мислењата да добијат нови сознанија за развојот на библиотечните програми во своите средини, кои зависно од својата разноликост имаат и специфични решенија.

 

  

Особен придонес од страна на локалната средина и бизнис секоторот даде предавачот Лидија Иванова, дип. Шумарски инженер во Паркови и зеленило при ЈП „Охридски Комуналец“ која со својата презентација „Охрид град на цвеќето“ даде практичен пример за соработка со библиотеката и предлози за понатамошна соработка со библиотеката.

Практичниот дел на овој проект е реализиран токму со ова претпријатие, со уредување на влезот, платото и споменикот пред библиотеката,кои предизвикаа позитивни реакции кај граѓаните, а уште повеќе кај корисниците на библиотечните фондови.

Средбата заврши со заедничко дружење пред библиотеката која е хортикултурно уредена, во пријатна атмосфера и размена на нови идеи за соработка.

До следното видување, цветен поздрав!

М-р Јелена Петровска, библиотекар советник

Кординатор на мрежата на хротикултурни библиотеки на Македонија