Меѓународна стручно-научна конференција на библиотекари во Штип
Во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ во Штип ќе се одржи Меѓународна стручно-научна конференција на библиотекари во организација на Библиотекарското здружение на Македонија (БЗМ) и Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“ – Штип. Како што информира БЗМ, на конференцијата со стручни трудови, предавања и презентации ќе земат учество приближно 150 учесници од земјава, Србија, Турција, Словенија и Црна Гора. Теми на меѓународната конференција се „Јубилеј 70 години Библиотекарско здружение на Македонија“, „30 години COBISS во Македонија – придобивки и значење за развојот на библиотеките и библиотечната дејност“ и „Професионализација и заштита на библиотекарската професија“. На 18 октомври ќе има предавања за „Матичната улога на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје: предизвици, проблеми и решенија“, а ќе се заокружи со 46. годишното Собрание на Библиотекарското здружение на Македонија, соопштија организаторите.